Перење и сушење алишта

Драги гости, перењето алишта за нас е ГОЛЕМА работа. Далеку сме од професионалци, но го правиме со мајчинска грижа за сите гости кои тоа ќе го побараат. Следниве 6 чекори, ги испишавме само за да ни помогнат да ги постигнеме најдобрите резултати: чисти и миризливи алишта за вас, а куќа полна со среќни и задоволни гости за нас.

ЧЕКОР 1: Сортирајте ги алиштата (по боја и материјал) онака како што преферирате да бидат ставени во машината за перење. Може и да го прескокнете овој чекор доколку сте сигурни дека материјалите, пред се, се компатибилни за перење на иста температура и не испуштаат боја – но, земете предвид дека алиштата ќе бидат ставени во машина онака како што вие ги имате сортирано.

ЧЕКОР 2: Убаво протресете ги сите алишта, а особено чорапите, за по нив да нема нечистотии и влакна од коса.

ЧЕКОР 3: ЧЕТИРИТЕ „П“ на перењето
П
роверка на џебовите;
Патенти и копчиња;
Превртување наопаку на панталони, фармерки и блузи/мајци со осетливи налепници за кои постои ризик да бидат оштетени при перење;
Пар-непар, внимавајте секој чорап да си биде со другарчето 😀

ЧЕКОР 4: Алиштата ставете ги во една или повеќе кеси, подготвени за да ни ги предадете.
***При перење на вашите лични работи, не грижете се за апартманските пешкири и постелнината. Доколку имате потреба од замена на истите, ние ќе ви донесеме нови во најбрзо време (а во согласност со условите и упатствата кои може да ги прочитате ОВДЕ)

ЧЕКОР 5: Напишете ни една порака или јавете ни за да не известите дека сакате да ја користите услугата за перење, а ние ќе ве упатиме каде да ја оставите кесата или пак лично ќе ја преземеме од вас;

Очекувајте ги вашите алишта исушени и чисти, при крајот на истиот или следниот ден. Наш совет е да не ја користите услугата за перење алишта на последниот ден од вашата резервација.

ПЛАЌАЊЕ: Доколку ви следува бесплатен купон за перење, истиот може да го искористите кога сакате (не мора да биде на крајот од 6те ноќевања). Во спротивно, таквиот купон може дополнително да го купите пред самото перење и тоа по цена од 240 денари за еднократно користење на машината (од 4 до 9kg), со вклучен детергент и омекнувач за алишта.

НАПОМЕНА: Со задоволство ќе ги сослушаме и прифатиме вашите инструкции, но доколку лично не дефинирате конкретна посакувана програма за перење, истата ќе ја избереме ние според сопствена проценка (при што најчесно тоа е перење за мешана синтетика на 40 степени). Бидете сигурни дека за вашите работи ќе се погрижиме исто ко за свои – но доколку имате нежни материјали или нови алишта кои може да испуштат боја (или не реагираат добро на машинско сушење) очекуваме ваше навремено предупредување, во спротивно не сме одговорни за настанати штети при перењето или сушењето.

УШТЕ ПОВАЖНО: Навремено информирајте не за било какви алергии кои можеби ги имате од различни видови на омекнувачи или детергенти. Ние постојано имаме минимум 3 различни типови на детергент за перење алишта и без никаков проблем ќе го почитуваме вашиот избор (ако треба ќе набавиме и нов), а омекнувачот по ваша желба може и да го изоставиме.

ГЕНЕРАЛНИ ПРЕПОРАКИ:
– За најдобар резултат побарајте темните панталони и фармерки да бидат испрани на ниска температура со посебен детергент за темни алишта;
– Доколку немате доволно шарени и бели (или темни) алишта за две посебни перења, побарајте од нас да користиме специјални хартии за впивање на испуштени бои при перењето. Не можеме да дадеме гаранција дека ќе ја завршат работата, но во повеќе наврати се имаат покажано како ефективно решение;
– Не препорачуваме да ни доверите нежни парчиња облека кои бараат посебен третман, надвор од тоа што го пружа секојдневното машинско перење алишта;
– Алиштата кои имаат тврдокорни дамки од вино, масло и слично, бараат дополнителна грижа пред да се стават во машината за перење. Доколку сме навремено информирани, ние ќе се погрижиме за нив во склоп на цената на купонот за перење, но како што напоменавме во почетокот на текстот: не сме порфесионалци, така што не можеме да гарантираме беспрекорни резултати.
– Доколку имате материјали кои лесно се собираат или оштетуваат при машинско сушење, побарајте од нас да ги исушиме „рачно“.